Top Sport

Озил: Ми се потеа рацете кога се ракував со Зидан

Пред дербито против Манчестер јунајтед, германскиот ас на Арсенал, Месут Озил потврди дека негов фудбалски идол е Зинедин Зидан и дека кога првпат се сретнале бил премногу нервозен.

Озил ја врати формата на „Емирати“, по што се зголемија шпекулациите дека ќе се врати во Ла лига во тимот на Барселона, бидејќи неговиот договор завршува на крајот на сезоната. Тој се потсети на времето кога првпат се сретнал со сегашниот тренер на „лос бланкос“, Зинедин Зидан.

„Кога пристигнав во Реал Мадрид и се сретнав со Зидан, рацете ми се потеа и не знаев што да кажам. Тој беше позитивен и смирен, и уште контактираме. Начинот на кој тој играше и ги водеше мечевите секогаш ме фасцинирал. Уште сум фасциниран. Неговата техника и креативност беа бесконечни“, вели Озил во интервју за „Фудбал МГЗН“.

Запрашан за плановите за иднината, Германецот сакаше да зборува само за враќање во Лигата на шампионите, откако Арсенал не се квалификуваше оваа година.

„Сакам трофеј од Лигата на шампионите, тоа секогаш е крајната цел. Дали Премиер лигата е најтешка на светот? Не знам, најдобрите европски лиги се релативно на исто ниво“, додава Озил.

Scroll to Top