Top Sport

Сампаоли контра Марадона: Аргентина ќе биде многу силна

Аргентинскиот селектор Хорхе Сампаоли е сигурен дека финалистите од 2014 година ќе имаат добар настап на Мундијалот следната година, одговарајќи на критиките на Диего Марадона.

Легендарниот Марадона по ждрепката во која Аргентина се „смести“ во групата Д со Нигерија, Хрватска и Исланд искоментира дека тимот мора да игра многу подобро откако едвај ги мина квалификациите во Јужна Америка. Ова не е првпат Марадона да го критикува Сампаоли по неговото назначување во јуни, но поранешниот тренер на Севилја остана смирен.

„Не ме загрижува воопшто. И ние мислиме дека мораме да бидеме подобри. Се надевм дека ќе го подобриме тимот. Светското првенство и квалификациите не се иста работа. Аргентина ќе биде моќна на СП, ќе ја поминеме групата и ќе покажаме од што сме направени“, изјави Сампаоли.

Аргентина почнува против дебитантите Исланд во Москва на 16 јуни, пред да игра со Хрватска пет дена подоцна, за финиш со Нигерија на 26 јуни.

„Знаеме каде ќе играме, ривалите и нивните карактеристики. Аргентина го има најдобриот играч на светот и големи шанси за втората рунда“, додава Сампаоли.

Scroll to Top