Претседателот на Рома, Џејмс Палота влезе во напад на нивниот досегашен спортски директор Мончи, кој по враќањето во Севилја изјави дека си заминал од тимот поради несогласувања околу правецот во кој се движел тимот од италијанската престолнина.
Мончи помина две сезони на чело на клубот од Серија А, но по елиминацијата од Порто во Лигата на шампионите, замина тој заедно со тренерот Еузебио ди Франческо, а новиот тренер Клаудио Раниери најави „ремонт“ на тимот во текот на летото.
Мончи имаше репутација на еден од најдобрите спортски директори во европскиот фудбал и во Рома, но по заминувањето тој денеска се „отвори“.
„Си заминав од Рома поради едноставна причина – сфатив дека сопственикот има различни идеи од мене. Претседателот мислеше дека е подобро да се оди надесно, а јас мислев дека треба да одиме налево“, изјави Мончи.
Палота вели дека изјавите на поранешниот голман не се фер бидејќи тој ја имал целосната контрола на клубот.
„Сметам дека Мончи сакаше да успее во Рома, но едно нешто мора да е јасно. Јас од почетокот бев јасен каде треба да оди тимот и затоа потрошив многу пари да го донесам Мончи. Сакав првокласни тренери, првокласни фудбалери, првокласен медицински тим, првокласни скаути и првокласна организација. Му ги дадов клучевите на Мончи да го оствари тоа и стоотстотна контрола за поставување на луѓето. Но, ако се погледнат нашите резултати, јасно е дека тоа не се оствари“, вели американскиот бизнисмен.