На денешен ден пред 30 години се случија инцидентите на стадионот „Максимир“ во Загреб. Дербито помеѓу Динамо и Црвена звезда никогаш не се одигра. За настаните од тој 13 мај 1990 година за порталот „Мондо“ се присетил Дарко Панчев.
„Не можам да тврдам, но подоцна се зборуваше дека тие нереди беа „пробен балон“ за распадот на државата кој потоа и се случи. Наводно нередите биле организирани за да се сменат полициските командири и началници кои бе биле Хрвати“.
Панчев вели дека играчите не можеле да насетат каков хаос се подготвува.
„Немаше никакви најави, никакви знаци дека натпреварот може да биде прекинат. Додека бевме во Загреб се беше во ред, ништо негативно не „висеше во воздухот“. Се беше нормално до моментот кога ја урнаа оградата и кога навивачите влегоа на теренот. Инаку за тоа време беше нормално да има разни провокации на трибините“, вели Панчев истакнувајќи ја коректноста на фудбалерите на Динамо во тие моменти.
„Сите заедно заминавме во соблекувалните. и чекавме упатства, бидејќи не знаевме ниту можевме да видиме што се случува. Нивните фудбалери беа коректни кон нас, со некои од нив подоцна во репрезентацијата разговарав за тој ден и заедничко мислење е дека можеше да биде и полошо“.
Дарко Пандеч една година подоцна со Црвена звезда стана европски шампион. Смета дека дека таа генерација, но и генерацијата во репрезентацијата ќе владеела долго време доколку не се распаднела Југославија.
„На сцена стапуваше феноменална генерација засилена со „чилеанците“. Реално, без лажна скромност доаѓаше декада на доминација на југословенскиот фудбал во светот.“
Но…
„Светската политика го уништи целиот регион, не само фудбалот“, заклучил Панчев.