Top Sport

Пандев: Грузија? Најважниот натпревар во мојата кариера

Фудбалската репрезентација на Македонија, утре во Тбилиси, ќе го одигра најважниот натпревар во својата историја. Победата во дуелот со Грузија ќе ја однесе Македонија на Европското првенство во 2021 година.

Очите на нацијата најмногу се вперени во најискусниот, капитенот Горан Пандев, кој во кариерата има и трофеј со Интер во Лигата на шампионите.

Капитенот најпрвин се огласи на „Инстаграм“.

„113 натпревари, повеќе од 19 години носење на овој свет дрес, многу порази, победи, радости и понижувања. Многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо….. Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, до остварување на сонот на моите колеги, на моето семејство, на цела нација.
Во овие тешки времиња, да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот да ни стане реалност. Еден за сите – сите за еден…Да живее Македонија“, напишал играчот на Џенова.

Покрај оваа порака на Пандев, Фудбалската федерација на Македонија на објави на „Фејсбук“, кусо интервју со Пандев, во кое тој уште еднаш потенцира колку натпреварот во Тбилиси е важен за него и за целата држава.

„20 години сум во репрезентацијата, ова е најважниот натпревар во мојата кариера, најважниот натпревар за цела Македонија. Се надевам дека и ние конечно ќе се израдуваме, дека ќе се оствари мојот сон. Со нетрпение го очекувам натпреварот“, вели Пандев.

Scroll to Top