Top Sport

Паоло Роси – Го расплака Бразил, а Италија ја искачи на светскиот врв

Италија денес остана без својот херој, Паоло Роси. Човекот кој две години не смееше да игра фудбал, во 1982 година го покори светот.

Роси е роден на 23.септември 1956 година во Прато. Во кариерата играч за Јувентус, Комо, Виченца, Перуџа, Милан и Верона.

Во клупската кариера одиграл 338 натпревари, постигнал 134 гола. Со Јувентус освоил шест трофеи, вклучувајчи два во Серија а и еден во Купот на куповите. За Италија одиграл 48 натпревари, постигнал 20 гола, шест од нив на Мундијалот во 1982 година.

Кариерата ја започнал во Јувентус, а кога не добил вистинска шанса, решил да се пресели во Виченца. Во тој период бил префрлен во шпицот на нападот. Како најдобар стрелец во Серија Б и помогнал на Виченца да се пласира во Серија А.

Роси и наредната сезона, во Серија А, бил најдобар стрелец, а Виченца сезоната ја завршува на второто место. Виченца тогаш го откупува договорот на Роси од Јувентус, за светски рекорд 2,6 милијарди лири.

Меѓутоа, наредната сезона е лоша за клубот и Роси, кој поради повредите не игра многу, а клубот испаѓа во Серија Б. Роси оди на позајмица во Перуџа. Во овој клуб го доживува најголемиот срам во кариерата. Обвинет е дека учествувал во „аферата Тотонеро“, односно дека бил еден од оние што го наместиле натпреварот Перуџа-Авелино.

Добива суспензија од четири години, поради што го пропушта Европското првенство во 1980 година, во Италија. Без Роси, Италија на домашен терен го освои четвртото место.

Во меѓувреме казната му е преполовена. Се шпекулира дека тоа било направено на барање на селекторот Енцо Беарцот за да може Роси да игра на СП во Шпанија.

Останатото е дел од најубавата историја на италијанскиот фудбал.

Не одигра ништо во првата фаза, а потоа „експлодира“, во четвртфиналната група со три гола го потопи Бразил, тогаш прв фаворит за титулата, со Зико, Сократес, Едер. Во полу-финалето Роси постигна два гола против Полска, а беше стрелец и во победата 3.1, над Германија во финалето.

Со шест гола бил најдобар стрелец на тоа СП, а ја добил и Златната топка за најдобар играч. Подоцна бил прогласен и за најдобар играч во Европа.

Scroll to Top