Top Sport

Папу Гомез: Во Аталанта никој не е суперѕвезда, но имаме срце за фудбал

Капитенот на Аталанта, Алехандро „Папу“ Гомез признава дека неверојатниот пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе живее во историјата на фудбалот и на овој клуб.

„Ла деа“ оваа сезона дебитираа во Лигата на шампионите, откако лани имаа фантастична сезона и успеаја да го победат Милан за последното место кое води во ЛШ, но немаа најдобар старт на натпреварувањето, губејќи ги првите три натпревари, вклучувајќи понижувачки порази од 5:1 од Манчестер сити и 4:0 од Динамо Загреб.

Но, по ова, тие успеаја да одиграа нерешено со Манчестер сити, да им се реваншираат на Динамо за поразот, и на крајот да стигнат до 3:0 победа на гости кај Шахтјор Доњецк во директен дуел за осминафинале.

„Навистина неверојатно, во моментов немам зборови да го опишам ова уникатно чувство. Но, ќе остане во историјата на фудбалот и на нашиот клуб. Мислам дека долго време ќе се сеќаваме на овој меч. Сите во Аталанта доаѓаме од скромни позадини, никој тука не беше нарекуван првокласен фудбалер или суперѕвезда, но го остваривме овој резултат со жртвување и напорна работа. Слично како Аталанта во 1990-тите, кога ’Ла деа’ секогаш се бореа за Европа“, изјави Аргентинецот, кој е „икона“ на навивачите на клубот од Бергамо.

ЛШ: Жесус ги „казни“ Динамо, Аталанта со храбра победа во Украина до осминафинале (видео)

Scroll to Top