Top Sport

Папу и Гасперини не се задоволни: Можевме и без да примиме гол!

Фантастичната 4:1 победа на Аталанта над Валенсија во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите би требало да ги задоволи сите 44 илјади навивачи на овој клуб кои беа на „Сан Сиро“, но зачудувачки капитенот Папу Гомез и тренерот Џанпјеро Гасперини велат дека можело да биде и подобро.

„Знаевме како да ги победиме и како да го играме фудбалот против нив, бидејќи бевме добро подготвени. Требаше да постигнеме повеќе голови, но ова беше прекрасна ноќ. Да бидам искрен, не очекував толку луѓе од Бергамо, и ова ќе остане со нас цел живот. Можеби претеруваме со тоа што сакаме да играме атрактивно и да ризикуваме и навистина можевме и без тој примен гол“, вели Гомез за „Скај спорт Италија“.

Тренерот Гасперини беше уште покритичен.

„Од една страна сме задоволни, бидејќи пред мечот ќе прифатевме со две раце ваков резултат. Но, на крај многу жал за примениот гол, бидејќи не требаше да направиме таква грешка. На ’Месталја’ мораме да бидеме попрецизни и мораме да играме исто вака. Ние ги креиравме нашите голови, тие добија подарок. Мораме да ги анализираме грешките и во вториот меч да докажеме дека заслужуваме четврт-финале“, изјави Гасперини.

Аталанта го живее сонот со „уништувањето“ на Валенсија, Ред бул кошмар за Мурињо и Тотенхем (видео)

Scroll to Top