Микел Артета првпат беше тренер на својот омилен Арсенал пред домашната публика, и во лондонското дерби со Челси неговиот тим во поголемиот дел од мечот имаше предност, пред „сините“ со луд пресврт да стигнат до трите поени во последните десет минути од мечот со 2:1 победа.
Пјер-Емерик Обамејанг уште во 12. минута постигна прекрасен гол со глава за радост на навивачите „топчиите“ на „Емирати“, и оваа предност тие успеваа да ја оддржат во текот на 80-те минути и покрај иницијативата на тимот на Френк Лампард и поголемиот посед на топката.
Но, во 83. минута, голманот на Арсенал, Бернд Лено направи катастрофална грешка, излетувајќи во обид да ја избоксира топката, дозволувајќи Жоргињо лесно да ја протне топката зад неговиот грб. Само четири минути подоцна, по една убава акција, Теми Абрахам со фантастичен гол меѓу нозе на Лено го комплетираше пресвртот и донесе три поени за „сините“.