Нејмар е подобар и од Кристијано Роналдо и од Лионел Меси во техничкиот аспект на фудбалот, вели легендата на бразилскиот фудбал Пеле.
Иако крилото на Пари Сен-Жермен има поинаква улога кога игра за дресот на бразилската репрезентација, Пеле, кој со Бразил освои три Мундијали, верува дека Нејмар е подготвен да донесе титула ова лето за „Селесао“.
„Нејмар го смени начинот на кој игра во националниот тим, но мораше да го направи тоа. За клубот играше како напаѓач од левата страна, додека во Бразил игра на средината, на позиција на која е навикнат, како 10-ка. Тоа е тешко, но самата адаптација зборува за каков фудбалер се работи“, вели Пеле во интервју со официјалниот веб-сајт на ФИФА.
Тој ги предупредува бразилските фудбалери да почнат да играат како тим за слава во Русија.
„ Ако погледнете во светскиот фудбал, се истакнуваат Меси, Роналдо и Нејмар. Нема други суперѕвезди. Најважното е националниот тим да биде добро организиран како група, бидејќи веќе немаат три или четири топ играчи на секоја позиција. Истото е и со Германија, каде што фокусот е на колективот. Претходно индивидуалците значеа многу, но сега нема толку голема разлика. Нејмар мора да биде подготвен. За мене тој веќе е најдобриот технички играч на светот. Тоа е апсолутно точно“, додава Пеле.