Top Sport

Пенев ветува темелни промени во бугарскиот фудбал

Поранешниот напаѓач на Валенсија и на бугарската репрезентација, Љубо Пенев вети дека ќе го „извади“ Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) од корупцијата и контроверзите ако го добие мандатот на 16 февруари.

Пенев влегува во „битка“ со актуелниот претседател Борислав Михајлов, кој е на чело на БФС од 2005 година како најдолгорочен претседател на федерацијата.

„На бугарскиот фудбал му е потребна темелна промена. Ситуацијата е катастрофална последните 12 години. Пропуштивме четири Светски првенства и три Европски шампионати. Не може да продолжи вака“, изјави Пенев за „Ројтерс“ откако го напушти тренерското место во вториот тим на Валенсија за да влезе во трката.

Бугарија славно стигна до полуфиналето на Светското првенство во 1994 година, но последно големо натпреварување на кое се квалификувани е Евро 2004. 51-годишниот Пенев, кој постигна над 150 гола во Шпанија за Валенсија, Атлетико Мадрид и Селта Виго има план за целосни реформи за професионализација на БФС.

Владеењето на Михајлов беше одбележано со големи обвинувања за местење мечеви во бугарската лига, посебно за фаворизирање на тимот на Лудогорец од Разград, кој има освоено титула последните шест сезони откако во тимот имаат 10 или 11 странци во речиси секој меч. Славните денови кога ЦСКА стигнуваше до европските полуфиналиња во 1970-тите и 1980-тите се далечно минато.

„Задоволни сме да имаме еден доминантен клуб, каде мнозинството се странци. Што се случи со нашите големи клубови? Потребно ни е ниво на натпреварување за и националниот тим да биде посилен. Овој баланс не се почитува, а покрај тоа има сè помалку луѓе на трибините, и кога ги има тие имаат транспаренти со кои го навредуваат БФС“, додава Пенев.

И покрај овие критики, Михајлов останува фаворит да остане на позицијата и не е загрижен од зборовите на Пенев.

„Делегатите го бираат претседателот, а не медиумите или некој друг“, изјави кратко Михајлов за „Ројтерс“.

Scroll to Top