По саботното 1:1 реми со Вест хем, Пеп Гвардиола може да се „пофали“ дека го има најлошиот старт на една лигашка сезона во неговата славна тренерска историја.
Ремито со „чеканите“ значи дека Сити имаат освоено само осум поени од првите пет кола, и уште поневеројатно немаат позитивна гол-разлика. Уште позначајно, до Нова Година, Сити ги очекуваат минимум два меча неделно и Пеп мора да реагира многу бргу.
„Веќе загубивме седум поени, што навистина е многу. Но, страдаме од повеќе причини и ќе видиме како ќе оди сезоната“, вели Гвардиола.
Ова е најлош старт на една сезона на Сити од 2014 година, и напорниот календар по кратката летна пауза поради корона вирусот се покажува на тимот на Гвардиола. Кајл Вокер, Родри, Ријад Марез и Фил Фоден се единствените четири фудбалери кои беа достапни сите мечеви оваа сезона за Сити. Вокер ги имаше одиграно сите минути пред да биде заменет против Вест хем, а Гвардиола призна дека преморен.
„Повеќе би сакал да имам позитивен резултат, но морам да ја анализирам ситуацијата во која се наоѓаме. Имаме многу повредени фудбалери, малку подготовки, тешки мечеви“, додава Гвардиола.