Top Sport

Пеп Гвардиола и „проклетството“ во полуфиналињата на ЛШ

Потрагата на Пеп Гвардиола по трофејот во Лигата на шампионите полека се претвора во Светиот грал, поточно, по двата триумфа со Барселона, не освои ништо во Европа со Баерн и со Сити, па затоа вечерашниот реванш против Реал ќе биде клучен за тимот на шпанскиот стратег.

Од неговото време во Баерн Минхен, полуфиналето остана непремостлива пречка, со „граѓаните“ обично четврт-финалето беше фатално, иако еднаш го мина полуфиналето и го загуби натпреварот за трофејот од Тухел и Челси.

Но, првите години во Барселона беа слатки за Гвардиола. Таа премиерна сезона, во која освои сѐ, ќе остане запаметена токму по полуфиналето против Челси, беа на прагот на елиминација, но фамозниот гол на Иниеста во реваншот против „сините“ на „Стемфорд бриџ“ ги одведе Каталонците подоцна и до победа против Манчестер Јунајтед во Рим.

Пеп ја почувствува горчината во полуфиналето против Мурињо и Интер во пролетта 2010 година. Но, веќе следната година ја освои втората и последна титула во ЛШ, откако во полуфиналето го елиминира Реал на Мурињо во тие митски натпревари кога Пепе доби црвен картон на првиот меч.

Во својата последна сезона на клупата на Барселона, Гвардиола неочекувано беше сопрен во полуфиналето. Челси го победи неговиот тим во Лондон со голот на Дидие Дрогба, откако на „Камп Ноу“ беше 2:2. Тери доби црвен картон, а Меси промаши пенал. Барса водеше со 2:1 барајќи трет гол, но „Ел Нињо“ Торес во контранапад ги постави конечните 2:2.

Пеп замина во Баерн, а и покрај домашните титули, тригодишниот престој во Минхен го смета за неуспех, не само што не ја освои европската круна, туку три години беше елиминиран во кобното полуфинале.

Scroll to Top