Пеп Гвардиола вели дека е задоволен од својот состав и покрај тоа што Манчестер сити не потпиша со напаѓач ова лето по сагата со ѕвездата на Тотенхем, Хери Кејн.
На помалку од две недели пред крајот на преодниот рок, Гвардиола вели дека е задоволен со пристигнувањето на Џек Грилиш од Астон вила за фантастични 100 милиони фунти, и покрај тоа што нема напаѓач по заминувањето на Серхио Агуеро во Барселона.
„Апсолутно, повеќе од задоволен. Ова е истиот тим освен што го имаме Џек Грилиш, и без Серхио Агуеро“, одговори Гвардиола.
Кејн останува главната цел на Сити, но англискиот шампион беше поврзуван и со Кристијано Роналдо, Душан Влаховиќ и во последно време со Роберт Левандовски.
„Леви е многу важен играч за Баерн Минхен и ќе остане таму. Нема да зборувам на 11 дена до крајот на преодниот рок. Не знам што ќе се случи, никој не знае. Утре имаме меч со Арсенал и ќе се подготвуваме за тоа“, додава Каталонецот.