Во опширно интервју за мадридски „АС“, претседателот на Реал Мадрид ги образложува своите идеи поврзани со новото фудбалско натпреварување на Стариот континент кое пропадна уште не оформено – Суперлигата.
„Планот кој е креиран не е контра домашните шампионати. Проектот Суперлига е најдоброто можно решение и направен е за да му помогне на фудбалот, да го извлече од кризата. Фудбалот е тешко оштетен од економијата, концептот е да генерира што поголем интерес за фудбалот. Не мислам дека промените што ги донесе УЕФА се вистинското решение. Не можеме да чекаме до 2024, мора нешто да направиме. Можеби најдоброто решение е четирите најдобри тимови од сите земји да играат, не знам, но денес младите од 14 до 24 години не се заинтересирани за фудбал затоа што им е досаден, во однос на некои форми за забава кои се актуелни. На светот постојат 4 милијарди навивачи, од кои половината навиваат за клубовите од Суперлигата“ вели Перез.
На прашање кога мисли дека Суперлигата може да стартува, Перез вели:
„Тоа мора да се стори што е можно побрзо, но овој проект мора подобро да им се објасни на луѓето. Во првите 3 месеци од пандемијата, 12-те клуба од Суперлигата претрпеа загуби од 650 милиони евра, до крајот на годинава, со присутната пандемија, губитоците ќе бидат меѓу 2.000 и 2.500 милиони евра“.