Top Sport

Пети: Озил стана дух, веќе не сака да е најдобриот

Поранешниот фудбалер на Арсенал, Емануел Пети вели дека сегашната ѕвезда на тимот, Месут Озил станал „дух на теренот“ и дека целосно ја загубил желбата да биде еден од најдобрите фудбалери на светот.

Озил на „Боксинг деј“ го стартуваше својот прв меч на гости во Премиер лигата од октомври, но беше повлечен на полувремето, а „топчиите“ беа сопрени на 1:1 реми кај Брајтон. Претходно, тој не беше во составот на Унаи Емери за гостувањата кај Манчестер јунајтед, Саутемптон и Бурнемаут, а самиот менаџер изјави дека тој нема „вистинска ментална подготвеност“ за да биде во составот.

Се верува дека Арсенал ќе му дозволи на Озил да си замине во јануари по шпекулациите дека ја влошил повредата на грбот играјќи компјутерски игри, и Пети е разочаран.

„Каде е тој Озил што беше еден од најдобрите фудбалери на светот, кој без мака асистираше и даваше голови? Мислам дека ја загуби желбата на теренот и веќе не е таму. Тој одигра едно полувреме против Брајтон и иако сум негов голем фан, последните две години тој е дух“, вели Пети.

Французинот, кој постигна гол во финалето на СП во 1998 година против Бразил за да стане светски шампион, исто така е разочаран од одбраната на Арсенал. Пети и Арсенал во сезоната 1998/99 примија 17 голови, осум помалку од сегашниот тим по пола сезона.

„Во одбраната се многу слаби, едвај просечни. Се прават многу индивидуални и колективни грешки. Понекогаш е многу смешно. Не знам што се случува со фудбалерите, бидејќи повеќето од нив се репрезентативци. Ако одат на ’Енфилд’ со ваков менталитет, тогаш ќе си заминат со три или четири гола во мрежата“, додава Пети.

Scroll to Top