Top Sport

Пике откри зошто решил да се пензионира

Легендарниот дефанзивец на Барселона, Џерар Пике (35) пред неколку дена во разговор со шпанскиот „стример“ Ибаџи Јанош, открил зошто така ненадејно решил да земине во пензија. Сега веќе поранешниот ас на Каталонците, призна дека уште на почетокот на оваа сезона сакал да стави крај на кариерата.

„Има многу работи за кои се размислува во текот на сезоната. Се започна за мене по средбата со Чави, кога тој ми кажа дека ќе ми биде многу тешко да се изборам за место во тимот. Сепак, го замолив да ми даде шанса, бидејќи минатата сезона беше добра. За жал, ниту моето чувство од почетокот на сезоната не беше најдобро и мислев дека репрезентативната пауза ќе биде одлична можност да донесам одлука. Секогаш велев дека ќе си заминам во моментот кога нема да се чувствувам корисно. Тоа што имавме многу повредени играчи на мојата позиција одложи се, бидејќи порано ќе се пензионирав. Не играв против Елче и Ваљадолид и чувствував дека не припаѓам во овој тим, не ми беше удобно. Бев многу блиску до одлуката да влезам во соблекувалната по тие натпревари и да кажам: „Готово е!“ Не поради внатрешната болка, туку поради чувството дека повеќе не припаѓам таму. Кога решив да се повлечам се случија повредите на соиграчите и не сакав да го напуштам тимот во тој момент. Мислев дека Светското првенство е време да се одморам и да донесам одлука“.

Пике откри кога и на кого првпат му кажал дека заминува:

„Утрото по гостувањето кај Викторија во Лигата на шампионите, кажав на Џоан Лапорта дека се повлекувам. Мислев дека ќе бидам тажен кога ќе го кажам тоа, но всушност бев среќен. Не можев да барам ништо повеќе. Го претставував мојот клуб практично цел живот, освоив многу трофеи и си поминав одлично. Се надевам дека ќе продолжам да живеам вака. Секое утро се будев и си признавав колку сум привилегиран. Има луѓе кои живеат доста лошо. Има и такви кои гледаат во соседот и веднаш се нервираат. Ќе бидам лут секогаш кога Реал Мадрид ќе победи, но се надевам дека ќе живеам среќно до крајот на животот“.

Пике додаде дека никогаш не размислувал да добие отказ од Барселона.

„Да ми кажеа на 28 години дека Барса нема да ми понуди нов договор, немаше да одам никаде на друго место, туку ќе се пензионирав. Еднаш заминав во Манчестер јунајтед и Сарагоса. Кога се вратив од Јунајтед на 21 година, Јувентус ми понуди повеќе, но сакав конечно да играм во Барселона. Уште на 17 години Јунајтед ми даде многу пари, но на Барселона и реков „Ќе останам за една третина од таа сума.“ Сепак, се чувствував потценет од клубот, па си заминав. Никогаш, никогаш, никогаш нема да кажам дека не би играл во Андора (неговиот клуб во Ла Лига 2), бидејќи никогаш не велам „никогаш“. Но, јас ќе кажам дека 99 проценти не би одел таму“, рече Пике.

Scroll to Top