Top Sport

Пикси: Ја гледаш Србија против Шкотска и си мислиш што е бре ова!

Фудбалската легенда Драган Стојковиќ Пикси потврди дека наскоро ќе стане нов селектор на репрезентацијата на Србија, најавувајќи промени во тимот и  подобри резултати. На гостување на утринска телевизиска програма во Србија, тој вели дека е подготвен да ја преземе одговорноста.

„Уште не сум официјално селектор, но ќе бидам за некој ден. Не се сомневајте,бидејќи дадов збор. Се чувствувам добро, чувствувам голема одговорност. Да се води репрезентацијата е предизвик, привилегија, бидејќи го браните грбот на својата земја, химната. Тоа е патриотскиот дух кој повторно се раѓа. Сакам да направам нешто на што ќе сме горди“, вели Пикси.

Тој исто така го коментираше поразот од пенали од Шкотска по кој Србија не успеа да се квалификува на Европското првенство оваа година.

„Постојано зборуваме за таленти, за потенцијалите кои ги имаме. Но, тоа треба да се покаже. Не сакав да коментирам досега, но мора да се направи нов тимски и патриотски дух. Гледам на репрезентацијата како на момци со талент, кои играат во големи лиги, професионалци. Но, не ги гледам кога треба да одиграат добро. Кога ќе го погледнеш мечот против Шкотска си помислуваш: ‘Што е бре,е ова?’ Нема жар, нема вриење на крвта“, додава Стојковиќ.

Scroll to Top