Драган Стојковиќ-Пикси, легендата на југословенскиот и на српскиот фудбал, не се согласува со песимистичките прогнози за шансите на Србија на Мундијалот во Русија.
„Орлите“ се квалификуваа на едно големо напреварување првпат по осум години, но иако се квалификуваа следуваше отказот за селекторот Славољуб Муслин, по што на таа позиција дојде Младен Крстаиќ во декември 2017 година.
Србија игра во група со Костарика, Швајцарија и Бразил, и Пикси во интервју за „Б92“, вели дека тимот мора да го покаже својот квалитет.
„Кога по долга пауза ќе одиш на првенство, секако дека тоа е успех. Во квалификациите го покажавме нашиот талент и нема сомнеж дека заслужуваме да бидеме таму. Нема што да ни се крева косата на главата од групата. Играме фудбал и имаме шанси за втората рунда. Бразил нека бидат први, но зошто да се предадеме. Секој натпревар е важен, но да ги добиеме првите два и да одиме понатаму“, вели Стојковиќ.
Пикси, кој сега работи како тренер на кинескиот клуб Гвангжу Р&Ф, вели дека квалитетот не секогаш носи резултати и затоа мора да се биде психолошки подготвен за големото првенство.
„Светското првенство е турнир, и психолошки мора да сте силни. Германците се најдобар пример. Дури и кога немаат најквалитетна репрезентација, прават предност со таа стабилност. Доби два натпревари и веќе си ’горе’. Фудбалот е и умствена игра, и фудбалерите мораат да го издржат тоа“, додава Пикси.