Top Sport

Пипо: Дајте му го бројот 9 на Златан да ја „скрши“ клетвата

Филипо Инзаги вели дека Златан Ибрахимовиќ треба да го добие неговиот стар дрес со бројот 9 за да ја „скрши“ клетвата која од неговото пензионирање го следи дресот со овој број кај „росонерите“.

Популарниот Пипо, кој сега е тренер на лидерите во Серија Б, Беневенто, знае дека ниту еден од фудбалерите кои го носеа тој број по него не успеал да направи кариера на „Сан Сиро“ и вели дека Златан е совршен.

„Секогаш кога некој ќе постигнеше гол со дресот број 9 на Милан јас бев среќен. Затоа, ајде да ја завршиме таа ’клетва’. Не е во ред да се повлече дрес со тој број, бидејќи некој мора да го носи секогаш и се надевам дека Ибра, ако остане и следната година ќе биде тој, бидејќи е доволно силен да го носи“, вели Инзаги.

Кога Ибрахимовиќ се врати во Милан во јануари, дресот беше кај Полјакот Кшиштоф Пјонтек, кој замина во Херта во зимскиот преоден рок.

„Сигурен сум дека Ибра ќе донесе многу за овој тим, бидејќи немаше да прифати враќање доколку не се чувствуваше 100 отсто подготвен. Го познавам и знам колку се грижи за својата професија. Се надевам на вистинско дерби во недела и ќе навивам за Милан. За жал, тие играат во исто време како и Беневенто и ќе биде чудно да не го гледам мечот“, вели Супер Пипо.

Scroll to Top