Top Sport

По Борусија, Лацио го „зема скалпот“ и на Болоња

Калчолигашот Лацио вечерва на „Олимпико“ славеше триумф против екипата на Болоња предводена од Синиша Михајловиќ со 2-1.

Михајловиќ остави длабока трага на „небесносините“, но избраниците на Симоне Инзаги продолжија онаму каде што застанаа на мечот од ЛШ против Борусија Дортмунд – со победа.

Уште во 13 минута гостите дојдоа до водство од 0-1, но по прегледување на снимката голот на гостите, поточно на Сванберг, беше поништен поради прекршок.

Првото полувреме заврши со почетниот резултат.

Во второто полувреме домашните тргнаа поофанзивно и веќе по 9 минути го скршија отпорот на противникот. Луис Алберто погоди за 1-0.

Иако Болоња упати повеќе шутеви кон голот на Лацио во вториот дел, патот до мрежата на Болоња го пронајде Имобиле, во 76 минута за водство од 2-0 на својот тим.

Единствено што успеаја да сторат гостите беше да го намалат резултатот на 2-1. Тоа го стори Де Силвестри во 91 минута.

Лацио по овој триумф е 10-ти со 7 бода, а Болоња по 5 кола има само една победа и е на 18-тата позиција.

Scroll to Top