Top Sport

По дебаклот против Реал, Лапорта пречкртал четворица играчи

Барселона синоќа доживеа дебакл во Ел Класико. Реал славеше со 4:0 во Барселона и се пласира во финалето на Купот. Ден по натпреврот, каталонските медиуми тврдат дека четворица играчи кои беа на теренот од наредната сезона нема да го носат дресот на Барселона.

Џоан Лапорта, претседателот на Барселона, бил многу лут по дебаклот во еден од најважните натпревари за Барселона оваа сезона. Лапорта наводно веќе составил трансфер листа. Издвоил четворица играчи од кои е особено разочаран.

„Спорскеида“, пренесува дека во нотесот на Лапорта се оние кои одиграа најлошо против Реал Мадрид. Прв на спиското е Рафиња, кој летово дојде во клубот за речиси 60 милиони евра од Лидс јунајтед.

Бразилецот не можеше да се носи со Едуардо Камавинга, кој повторно играше на позицијата лев бек. Крилниот напаѓач беше заменет во 66. минута. Доколку добие добра понуда Барселона ќе го продаде Рафиња.

Број 2 на листата е Франк Кеси. Репрезентативецот од Брегот на Слоновата коска дојде во клубот како слободен играч од Милан и Лапорта веќе сака да го продаде. Тој во Ел Класико не успеа да го надомести отсуството на Педри и Френки де Јонг, а го направи пеналот по кој Бензема зголеми на 3:0.

И Маркос Алонсо му се приклучи на клубот на слободен трансфер од Челзи пред почетокот на сезоната. Тој го замени Андреас Кристенсен во првата постава и беше заменет поради лошата игра во 66. минута. Олеснително за него може да биде што не играше на својата природна позиција. Алонсо по вокација е лев бек.

Лапорта наводно е бесен и на Серхи Роберто, чиј договор беше продолжен на 3 март. По Ел Класико, претседателот очигледно жали за овој потег, бидејќи Шпанецот често ја губеше топката и ги загуби речиси сите дуели.

За двајца играчи, претседателот на клубот не чувствувал гнев, туку бил разочаран од нив. Станува збор за ветераните Серхио Бускетс и Роберт Левандовски.

Полскиот напаѓач имаше само еден удар кон голот и не беше многу активен во нападот во текот на целиот натпревар.

Откако испадна од Лигата на шампионите, Лигата на Европа, Купот на кралот и го освои шпанскиот Суперкуп, Барселона останува да го потврди првото место во Примера, каде има 12 бода предност пред Реал Мадрид.

Scroll to Top