По Галатасарај и Ал Ахли ги прекинаа преговорите за ангажманот на македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски. (Не)реалните финансиски барања што ги имал Алиоски се причината што му пропадна трансферот.
Минатата недела се појавија информации дека Алиоски и неговиот менаџер преговараат за трансфер во Саудиска Арабија.
Пред четири дена, новинарот Педро Алмеида објави дека Алуоски ќе потпише двегодишен договор со клубот од Саудиска Арабија за годишна плата од 1,5 милиони евра и бонус од еден милион евра за потпис на договор, бидејќи во Ал Ахли би пристигнал како слободен играч.
Очигледно дека финансиските барања на Алиоски биле поголеми од она што можеле да му го понудат во Ал Ахли.
„Алиоски нема да биде фудбалер на Ал Ахли. Преговорите се прекинати, повеќе нема да се разговара на оваа тема поради превисоките барања на фудбалерот“, објави Ал Ахли на социјалните мрежи.
Претходно, легендарниот турски тренер, Фатих Терим, на прес конференцијата пред дуелот на Галатасарај со ПСВ Ајндховен, открил зошто тој спуштил рампа на трансферот на Алиоски во клубот што го предводи.
„Алииоски бараше 7,5 милиони евра за три сезони. Покрај тоа, тој не е класичен лев бек. Логично е што не сакав да го ангажирам“, рекол Терим.
Алиоски е без клуб од 30.јуни кога му заврши договорот со Лидс јунајтед.