Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва во Ереван ќе го одигра натпреварот од четвртото коло, во Д-дивизијата во Лигата на Нации. Победа на овој меч ќе и обезбеди на Македонија место во плејофот каде ќе се разигрува за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Македонија во досегашниот тек од натпреварите во Лигата на Нации има три победи во исто толку натпревари. Избраниците на Игор Ангеловски ја предводат групата со девет бода, пред Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар кои имаат освоено по три бода.
Добрата форма и серијата од десет натпревари без пораз се темелите врз кои се гради оптимизмот во таборот на македонската селекција. Исто така на македонска страна е и традицијата, во досегашните седум одиграни натпревари Македонија има три, а Ерменија две победи, додека два пати дуелите помеѓу овие две селекции завршувале нерешено.
Последниот меч, одигран во Скопје пред еден месец, заврши со победа на Македонија 2:0. Стрелци на головите беа Пандев и Алиоски.
Од друга страна Ерменците се соочуваат со низа проблеми, пред сите лошите односи во соблекувалната, кои кулминираа со сензационалниот пораз од аутсајдерот Гибралтар во саботата.
Натпреварот во Ереван ќе започне во 18 часот.
фото: ffm.mk