Top Sport

По свирежите од децата во Унгарија, Германците објавија дека ќе клечат заедно со Англичаните

Утрешното големо дерби во Лигата на нации помеѓу Германија и Англија во Минхен, ќе биде одбележано со клечење на двете репрезентации во знак на борбата против расизмот, неколку дена откако англиската репрезентација беше исвиркана во Будимпешта од 30 илјади деца присутни на трибините на „Пушкаш арената“ во Будимпешта.

Унгарците добија шанса на стадионот да влезат деца до 14 години, откако УЕФА им одреди два меча без публика поради расистичките испади кон англиските фудбалери во меѓусебниот меч на 2 септември минатата година во квалификациите за СП.

Илкај Гундоган, фудбалерот на Манчестер сити, во понеделникот потврди дека репрезентативците во знак на поддршка на Англичаните, ќе клекнат пред стартот на мечот.

„Ќе паднеме на колена заедно со Англичаните бидејќи сакаме да ја поддржиме иницијативата. Го направивме тоа минатата година на ЕУРО, и ќе го повториме тоа и утре“, изјави Гундоган.

Англискиот селектор ја поздрави оваа одлука.

„Ние сме две нации со голем број на фудбалери со мешано потекло и мислам дека е важен момент за сите нас. Обединети сме во нашите верувања“, изјави Саутгејт.

Scroll to Top