Поранешниот фудбалер на Порто Кандидо Кошта раскажал интересна анегдота за клупската телевизија од времето кога соработувал со Жозе Мурињо.
Кошта бил играч на Порто од 2000 до 2004 година. Последните 18 месеци од договорот ги минал на позајмици во Виторија Сетубал и Дерби Каунти.
иако бил еден од најголемите таленти во клубот во тоа време 21 годишникот не минувал многу време на теренот.
„Имав 21 година кога во 2003 година влегов во канцеларијата на Мурињо и побарав да ми дозволи да го напуштам клубот. Кога му кажав што сакам ми кажа дека сум ретардиран“, открил Кошта.
Понатаму поранешниот фудбалер открива дека се кае поради таквата одлука. Порто нешто подоцна направи големо изненадување и со Мурињо на чело ја освои титулата во Лигата на шампионите.
„Глупаво постапив, навивачите ме сакаа, имав важна улога во младата репрезентација, но во Порто малку играв. Сакав да играм, бидејќи зад себе имав две солидни сезони, мислев дека се тоа моменти што ќе ја обележат мојата кариера. Сепак заминав од клубот, кога се вратив Мурињо веќе беше во Челси. Порто таа година ја освои Лигата на шампионите, а јас не бев со тој тим“, дополнил Кошта.
Потоа кариерата на овој фудбалер одела по надолна линија, играл за Брага, Рапид Букурешт, Арука, Тонсела, Сао Жоао Вер и Оваренсе каде и ја завршил кариерата во 2015 година.