Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино смета дека вратата на Реал Мадрид не е „затворена“ по враќањето на Зинедин Зидан во „кралскиот клуб“, но засега е посветен само на својот клуб и на што е можно подобри резултати.
Аргентинецот, кој претходно имаше искуство како фудбалер и како тренер во Шпанија, беше поврзуван со местото во Реал подолго време иако минатата година го продолжи договорот со Тотенхем. Тој вели дека очекува овие шпекулации да се повторат.
„Немам чувство дека го ’пропуштив возот’ за Мадрид. Не гледам на работите долгорочно, бидејќи ова е фудбал и многу работи бргу се менуваат. Среќен сум во Тотенхем и имам договор за уште четири сезони. Дали ме повикаа од Реал? Се обидувате да ми направите проблеми. Секогаш има шпекулации, не само за мене, туку и за другите фудбалери и менаџери. Но, 90 отсто од нив се лажни“, објаснува Почетино.