Top Sport

Почетино се радувал на голот на Солксјер во финалето на ЛШ во 1999 година!

Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино, човекот кој многумина го гледаат како следниот тренер на Манчестер јунајтед, откри дека врескал по голот кој го постигна сегашниот менаџер на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер во драматичното финале на ЛШ во Барселона помеѓу Јунајтед и Баерн Минхен.

Почетино и Тони Хименез, кој сега е тренер на голманите во Тотенхем, биле меѓу публиката на „Ноу Камп“ за финалето во 1999 година, кога во една од најдраматичните завршници на финале на ЛШ, Солксјер го постигна голот во последните секунди за 2:1 победа на тимот на Сер Алекс Фергусон. Двајцата биле на стадионот како неутрални гледачи (тогаш фудбалери на Еспањол), но не можеле да ги скријат емоциите по драматичната завршница. Сега, во недела, Почетино ќе се судри со Солскјер во меч од Премиер лигата.

„Бев таму кога тој го постигна тој гол. Бев заедно со Тони Хименез и го гледавме тој фантастичен натпревар и се сеќавам како врескав за голот на Манчестер јунајтед. Во недела се среќаваме на Вембли, а пред 20 години врескав за гол кој тој го постигна. Интересно“, вели Почетино.

Солксјер победи во првите пет натпревари како преоден менаџер на Јунајтед, но сега доаѓа неговиот вистински тест против Тотенхем, клуб кој е во одлична форма. Почетино вели дека не може да остане неутрален по сите шпекулации кои го поврзуваат со клупата на Јунајтед.

„Не можам да се фокусирам на шпекулациите. Ние си ја вршиме нашата работа најдобро што можеме. Манчестер јунајтед ќе се обиде да победи и мотивацијата ќе биде тука. За Солскјер е голема мотивација и предизвик да биде менаџер на Јунајтед, исто како за мене со Тотенхем. Сакаме да победуваме и не сакаме да губиме“, додава Почетино.

Scroll to Top