Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино вели дека неговиот клуб уште ги нема потребните финансии да се бори со европската елита и за трофеј во Премиер лигата.
Тотенхем не купија ниту еден фудбалер во летниот преоден рок, а „сушата“ продолжува и во јануари, иако се под притисок да купат некого откако Хери Кејн и Деле Али се повредија и нема да се вратат до март. По ова страдаше и формата на клубот, кој за четири дена минатата недела беше елиминиран во Лига купот и во ФА купот.
Почетино вели дека не е подготвен да дава пари за „неприкладни“ фудбалери и признава дека не можат да се натпреваруваат за најголемите ѕвезди на пазарот, најмногу бидејќи сите пари на клубот отидоа во новиот стадион, на кој би требало да се вселат во март. Тој ги посочи лидерите Ливерпул, кои потрошија 145 милиони фунти на два фудбалери – Виргил ван Дајк и Алисон.
„На Ливерпул му треба дефанзивец, тие го добиваат Ван Дајк, им треба голман, кој е најдобриот? Тука е Алисон. Истото е со Манчестер сити. На крајот, тоа го прават и Реал Мадрид и Барселона со години, но тие се на друго ниво. Во моментов Тотенхем не се на такво ниво, и кога не можеме да купиме машина за перење, ќе купиме фен. Наместо софа, ќе купиме столче. Тоа е разликата помеѓу Тотенхем и тимовите кои се градат за победи“, вели Почетино за „ЕСПН“.
Фото: ЕПА