Top Sport

Почина Ноби Стајлс, „беззабиот тигар“ на Манчестер јунајтед

Ноби Стајлс, еден од славната генерација на Англија која во 1966 година ја освои својата единствена светска титула, почина на 78 години по долга борба со ракот на простатата.

Стајлс, кој со Манчестер јунајтед ја освои европската титула во 1968 година, останува запаметен за својот танц на „Вембли“ во 1966 со трофејот од СП во едната рака, и лажните заби (поради која доби прекар ‘беззабиот тигар’) во другата рака.

„Тоа останува најголемото нешто што ми се случило во животот. Сите ме сакаат поради тоа“, изјави Стајлс во 2002 година.

Неговиот соиграч од репрезентацијата, Џеф Херст го опиша Стајлс како „срцето и душата на репрезентацијата“. Од Манчестер јунајтед посочија дека се работи за „титан во историјата на клубот, кој одбележа цела една ера“.

Стајлс, кој играше како фудбалер од средниот ред, беше препознатлив по својот груб стил на игра посебно во одбраната. Ќелав и без заби на 24 години, мал и кратковид, тој самиот се опиша како „полуслепо џуџе“, и живееше во близина на „Олд Трафорд“ целиот живот и мораше да ги продаде медалите и трофеите за да преживее. Во 2010 беа собрани 425.000 фунти за него, од кои Јунајтед платија 209.000 фунти.

Scroll to Top