Поранешниот аргентински селектор и тренер на Естудијантес, Алехандро Сабелја почина на 66 годишна возраст по долга болест.
Сабелја, кој ги предводеше Аргентинците до финалето на СП во 2014, каде што загубија од Германија, беше хоспитализиран во ноември за итна операција на срцето, истиот ден кога Диего Марадона почина во својот дом. Ситуацијата се компликувала по инфекција и по две недели во приватната клиника во Белграно, Сабелја починал.
Сабелја имаше прекар „професорот“, бидејќи и покрај тоа што добил место на Универзитетот во Буенос Аирес да студира право, решил да стане фудбалер. Со Ривер Плата тој имаше над 100 настапи освојувајќи три титули, пред да стане еден од првите Аргентинци во англискиот фудбал, со трансферот во Шефилд јунајтед во 1978 година.
По повлекувањето од фудбалот тој работеше како помошник на Даниел Пасарелја во Аргентина и Уругвај, пред да стане тренер на Естудијантес во 2009, освојувајќи ја Копа Либератдорес титулата. Сабелја стана селектор во 2011 година, поставувајќи го Лионел Меси за капитен и пласирајќи се во првото финале на СП по 24 години во Бразил во 2014. Тој набргу си поднесе оставка и беше заменет со Херардо Мартино, по што имаше големи здравствени проблеми и ретко се појавуваше во јавноста.