Top Sport

Почна „залетот“ – Англичаните веќе сонуваат за титула во Русија

Селекторот Герет Саутгејт можеби е внимателен во „отпишувањето“ на било кој противник на СП во Русија, но откако Англија ги доби Белгија, Тунис и Панама во ждрепката, англиските медиуми веќе се гледаат во втората рунда.

Според поголем дел од англиските медиуми, сите противници во групата можат да се победат, а доколку се мине групата, ждрепката ги вкрстува со можните противници од групата Ф – Полска, Колумбија, Сенегал или Јапонија. Одеднаш четврт-финалето е на дофат!

Сепак, тука е предупредувањето од минатото СП, кога Рој Хоџсон успеа да освои само еден поен од групата со Италија, Уругвај и Костарика. Герет Саутгејт затоа е внимателен, посебно откако никој не знае многу за репрезентацијата на Панама (барем во Англија), а Тунис е опасен тим, но без вистински ѕвезди.

Белгија е познат противник, и Англичаните имаат 15 победи во 21 меча со нив, иако последен пат играа на СП во 1990 година, кога со голот на Дејвид Плат, гордиот Албион стигна до 1:0 победа.

„Немаме правено голема анализа на африканските тимови, така што сега не очекува работа. Белгијците се неверојатен тим, и имаат голем квалитет. Сепак, нема потценување на никого“, изјави Саутгејт по ждрепката.

Медиумите јасно покажаа што мислат. „Сан“ вели дека се работи за „ждрепка од соништата“, „Дејли мирор“ вели „тука е групата – и таа е лесна“, „Дејли мејл“ вели дека „кошмарот е избегнат“, а дури и резервираниот „Гардијан“ вели дека „фаворитите се во другите групи“.

Scroll to Top