Можеби по мечот со Лестер и победата 2:1, на јавноста и делуваше дека односот помеѓу Пол Погба и Жозе Мурињо е вратен во границите на нормалното, сепак по изјавите на францускиот фудбалер се чини дека вистината е поинаква.
Погба на овој меч ја носеше капитенската лента и доби дозвола од менаџерот да го изведе пеналот.
„Постојат работи за кои можам, но и работи за кои не можам да зборувам. Во спротивно ќе бидам казнет“, рекол Погба на прашањето за односите во клубот.
„Секако дека е многу полесно кога луѓето ти веруваат, бидејќи тогаш и твојата психа е подобра. Секако дека на теренот ќе го давам максимумот за себа, навивачите и соиграчите“.
Приказната дека односите помеѓу Погба и Мурињо не се добри започна да се раскажува во вториот дел од минатата сезона, кога менаџерот на неколку натпревари го остави Французинот на клупата за резерви. Тогаш и Погба призна дека имал несогласувања со Мурињо.