Манчестер Јунајтед потврди дека Пол Погба ќе стане слободен играч на крајот на јуни. Ова ќе стави крај на „една од најразочарувачките, но и најскапите кариери во историјата на клубот“, пишува „Дејли мејл“, откривајќи дека Французинот ќе добие уште 4,5 милиони евра бонус за лојалноста кон клубот.
„Бонусот за лојалност е најголемата навреда за навивачите кои никогаш не го добија најдоброто од светскиот првак со Франција за време на разочарувачкиот, втор мандат во клубот“, ја пренесува „Дејли мејл“ изјавата на неименуван извор од клубот, потсетувајќи дека ваквиот бонус бил еден од условите, Погба во 2016 година да се пресели од Јувентус во Јунајтед за клупски рекорд од 105 милиони евра.
Анализирајќи колку навистина Погба го чинеше Јунајтед, „Дејли мејл“ потсетува и дека покојниот агент Мино Раиола во тој бизнис од клубот добил 46 милиони евра.
Почетната плата на Погба беше 10 милиони евра по сезона, подоцна падна на девет милиони, а за маркетиншки права доби нешто помалку од 3,5 милиони евра и за пласманот на Јунајтед во Лигата на шампионите 2,2 милиони евра. Во ерата на Погба Јунајтед четири пати играа во ЛШ.
Севкупно, Погба, според „Дејли мејл“, го чинел Јунајтед нешто повеќе од 256 милиони евра. Пресметано тоа е 1,13 милиони евра по натпревар, Погба одигра 226 натпревари или 6,6 милиони евра за секој од 39 постигнати голови.