Top Sport

Погба: Можеби е време за некој нов предизвик

Шпекулациите дека Пол Погба е блиску до заминување од Манчестер јунајтед се зголемија откако во неделата при гостувањето во Токио, францускиот репрезентативец изјави дека „можеби е добро време да се има нов предизвик на друго место“.

Британските, шпанските и италијанските медиуми го поврзуваат Погба со трансфер во Реал Мадрид под водство на Зинедин Зидан, или со враќање во неговиот поранешен клуб Јувентус. И покрај ова, добро информираните извори велат дека семејството Глејзер не е подготвено да го продаде.

Вториот дел од кариерата на Погба со Јунајтед донесе некои добри мечеви, но и многу конфликти (посебно со екстренерот Жозе Мурињо), и не е јасно дали Оле Гунар Солскјер ќе го гради новиот тим околу него или без него.

„Како што сите велат, има многу шпекулации, но и многу размислувања. Три години сум во Манчестер и задоволен сум, некои добри моменти и некои лоши моменти, како кај сите и како на други места. По сè што се случи оваа сезона, мислам дека е можеби подобро да имам некој нов предизвик на друго место“, изјави Погба, јавува „Ројтерс“.

Погба има 24 гола во 92 настапи за Јунајтед, а минатата сезона беше дел од најдобриот тим на Премиер лигата.

Scroll to Top