Top Sport

Погба: Побарав, но не добив помош од Јувентус

Пол Погба кариерата ќе ја продолжи во Монако. Поранешниот француски репрезентативец кој последниот натпревар го одигра пред две години, во интервју за ТФ1 обвини дека не добил никаква помош од Јувентус, во текот на суспензијата поради допинг, која траеше 18 месеци.

„Мислев дека сум во војна со антидопинг властите, а не со клубот. Иако побарав помош од Јувентус, не ја добив“, изјави Французинот за каналот TФ1.

Французинот падна на допинг тест по натпреварот од Серија А против Удинезе во 2023 година, и првично беше суспендиран на четири години, но казната му беше намалена на 18 месеци.

Јувентус официјално го раскина неговиот договор во ноември 2024 година. Погба стекна право на настап во март оваа година.

„Го замолив клубот да ми обезбеди фитнес тренер бидејќи сè уште бев член на тимот. Имав право на тоа. Да речеме дека Јувентус не ме поддржуваше и тоа ми остана врежано во сеќавањето. Не разбирав зошто. Мислев дека сум во конфликт со антидопинг властите, а не со Јувентус. Повеќе не можев секој ден да ги возам моите деца на училиште и да поминувам покрај стадионот и тренинг центарот знаејќи дека нема да играм долго време. Децата постојано ме прашуваа кога ќе се вратам на теренот и кога повторно ќе ме видат на теренот. Сега сум подготвен, физички и психички, и едвај чекам да почнам одново. Имам 32 години, но сè уште се чувствувам како дете“, заклучи Погба.

Освен за Јувентус, тој двапати беше и член на Манчестер јунајтед.

Scroll to Top