Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Пол Инс тврди дека дел од фудбалерите на клубот се обидуваат да примораат отпуштање на менаџерот Жозе Мурињо со тоа што воопшто не се обидуваат на теренот.
Јунајтед немаат победа во последните четири натпревари, по што се зголеми притисокот на Мурињо, а Инс смета дека ситуацијата не е целосно негова вина.
„Ме зачудува што фудбалерите на Манчестер јунајтед бираат кога сакаат да го дадат својот максимум за клубот. Секој кој го носи тој дрес треба да покаже посветеност и желба, без разлика на резултатот. Нема оправдување за ова. Се работи за професионални фудбалери со астрономски плати во еден од најголемите клубови на светот. Изгледа дека веќе не се заинтересирани да играат за Жозе Мурињо и им одговара тој да ја презема вината. Го фрлаат под автобус со слабите игри секоја недела и никој не им приговара. Дел од фудбалерите сакаат Јунајтед да загуби за да има притисок на Мурињо“, вели Инс.
Уште еден ексфудбалер на Јунајтед размислува исто. Рајан Гигс вели дека со отпуштањето на Мурињо во Јунајтед ќе се направат повеќе проблеми отколку што ќе се решат.
„Каде ќе одат? Ако сега направат промена ќе бидат во иста позиција за година-две. Проблемот е во планирањето во тимот. Мислам дека тој треба да ја задржи својата работа“, објаснува Гигс.
Фото: ЕПА