Пред точно 25 години, Џовани Трапатони ја имаше можеби најлегендарната прес-конференција во историјата на фудбалот, кога како тренер на Баерн Минхен на „искршен“ германски јазик им се обрати на новинарите.
На 10 март 1998 година, Трап се појави на нормална прес-конференција, која набргу се претвори во неверојатна соло-претстава на италијанскиот тренер, завршувајќи со удирање на масата и со заминување. Прес-конференцијата се случува по 1:0 поразот од Шалке, по кој Баерн заостанува седум поени зад лидерот Кајзерслаутерн. По поразот, Марио Базлер и Мехмет Шол се пожалија што не беа во стартниот тим, а Томас Штрунц се бунеше што беше заменет. Германскиот печат го нарекуваше тимот „ФЦ Холивуд“, и на Трап му беше доста.
„Тренерот не е идиот! Тренерот гледа што се случува на теренот! Во овој меч, имаше два-три, четири фудбалери кои беа слаби како празно шише. Штрунц! Штрунц е тука две години, има 10 меча и секогаш е повреден, какво право има тој да зборува?“, е дел од тирадата на Трап, која завршува со порака: „Готов сум“.
До крајот на сезоната, Баерн тесно ја загуби битката од Кајзерслаутерн, но го освоија ДФБ купот против Дуисбург. Трап, си замина по крајот на сезоната.