Top Sport

Поради Златан, Мареска нема веќе да им суди на Милан?

Според италијанскиот весник „Ил кориере дела сера“, судијата Фабио Мареска нема да биде делегиран за мечевите на Милан одредено време бидејќи судиската организација била незадоволна од неговото „средување“ на ситуацијата со Златан Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот доби црвен картон во второто полувреме од Парма-Милан во саботата, додека „росонерите“ водеа со 2:0, но инсистираше дека не го навредувал судијата и се очекува да добие суспензија од еден меч.

Весникот тврди дека Италијанската асоцијација на судии била незадоволна од ова и затоа тој ќе „паузира“ од натпреварите на Милан за да не ја влоши ситуацијата.

Ова не е првпат Мареска да предизвика контроверзи. Италијанските медиуми го нарекоа арогантен откако му покажа црвен картон на Педро на мечот Рома-Сасуоло во декември, а тренерот на Интер, Антонио Конте влезе во расправија со него на гостувањето кај Удинезе во јануари и исто така доби црвен картон.

Фановите на Милан пак, го објавија целиот дијалог меѓу Мареска, Ибрахимовиќ, но и голманот Џиџио Донарума.

Ибра: „Оди тогаш. Оди дома, оди дома ако не ти е грижа. Не ти е грижа, тоа мене ми е чудно (sembra strano)“.

Донарума: „Но, што ти направи? Што правиш Мареска? Секогаш сакаш да си главен“.

Ибра: „Не знам што сфати што кажав?“.

Сепак, познавачите на локалните балкански јазици, ќе сфатат дека јасно се слуша каде што Ибрахимовиќ го пцуе судијата.

Scroll to Top