Во пресрет на Ел Класико, официјалната телевизија на Реал Мадрид повторно се занимаваше со судењето во тековната сезона, кое, како што го презентираше „Кралскиот клуб“, било поволно за Каталонците.
Во програмата на клупската телевизија на Реал (RMTV) беше анализиран кадар од натпреварот помеѓу Бетис и Барселона, кој заврши со победа на гостите од 5:2.
Тие особено се осврнаа на ситуацијата во 45-та минута, кога голот на Џовани Ло Селсо беше поништен за 2:2.
Толкувањето на „RMTV“ е дека судијата Де Бургос Бенгоечеа го прегледал видеото и го поништил голот поради играње со рака дури откако играчите на Барселона се пожалиле.
„Реал Мадрид ќе мора да се соочи со 17 судии во Ел Класико: тројца на теренот, четврти судија, ВАР судија и асистент и единаесет играчи на Барселона, кои се исто така судии. Сега играчите на Барселона одлучуваат кои ситуации ќе бидат проверени со ВАР, а кои не, бидејќи и тие се судии. Тие сега ги судат натпреварите. Тоа е скандалозно. Во која било друга лига, таквото однесување би имало последици. Неделниот натпревар ќе биде многу комплициран поради проблемите за кои сите сме свесни“, објави во својот прилог „RMTV“.
Телевизијата на Реал, среде конфликтот со раководството на Ла Лига и претседателот Хавиер Тебас, се осврна и на контроверзната ситуација од натпреварот помеѓу Севилја и Реал.
Додека најголем дел од шпанските медиуми сметаа дека Арда Гулер требало да биде исклучен затоа што го удри Пеке Фернандез со лакт во лицето, „RMTV“ има поинакво мислење.
„Против сè и секого. Против режимот и медиумскиот систем во кој оние што ја контролираат јавната нарација зборуваат само за спорната ситуација на Гулер и Пеке, додека Гулер постојано бил влечен и држен. Сега тврдат дека нема доволно снимки, а ние во „RMTV“ со години предупредуваме дека има снимки што не се прикажуваат во телевизиските преноси. Затоа нè нарекоа теоретичари на заговор. Една контроверзна ситуација е доволна за да се промени сè“, рекоа од „Real TV“, за кои добар дел од јавноста во Шпанија тврди дека сè што прикажуваат и објавуваат се всушност ставови на раководството на клубот.
Foto/ Depositphotos
