Менаџерот на Саутемптон, Ралф Хазенхитл изјави дека капитенот Џејмс Вoрд-Праус нема да го напушти клубот во текот на летниот преоден рок. 27-годишниот фудбалер кариерата ја започна во клубот од стадионот „Сент Мери“, а оваа сезона на 39 натпревари постигна десет гола со осум асистенции.
„Џејмс има уште четири години од договорот. Тој е задоволен во клубот. Тој е капитен и нема да замине. Навивачите го сакаат, тој знае колку е важен за тимот. Ворд-Праус е извонреден фудбалер, сè уште не сум сретнал играч како него“, изјави Хазенхитл.
Медиумите од Островот претходно пишуваа дека интерес за играчот на „светците“ покажале Манчестер јунајтед и Манчестер сити.
Саутемптон во последните три кола во Премиер лигата освои само еден бод, а на три кола пред крајот на првенството се наоѓа на 15. позиција со 40 бодови.