Обвинителството на Верона побара судски процес против Лука Кампедели, поранешен претседател на Киево Верона, под обвинение за измама во процесот на банкрот на клубот.
Истрагата спроведена од Финансиската полиција откри „механизам за измама со кој раководството ја претстави навидум добрата економска состојба на клубот кој се нтпреварува во четвртата лига, прикривајќи го колапсот и ерозијата на имотот на компанијата со што клубот доби дозвола да се натпреварува“, пишува „Тутоспорт“.
Истрагата се фокусира и на фиктивни трансфери на играчи во Чезена и Карпа по цени кои „не се во склад“ со реалната пазарна вредност. Наводно, играчите никогаш не ги напуштиле своите клубови, дозволувајќи му на Киево да запише капитална добивка од над 35 милиони евра.
Обвинителството го обвинува Кампедели и за проневера на над 200.000 евра од клупската каса за лични цели, неплаќање даноци и придонеси за социјално осигурување од 2014 година до стечајот, во износ од над 34 милиони евра.
Киево Верона, познат по прекарот „Летечките магариња“, е основан во 1929 година како мал маалски клуб од предградието на Верона, Киево. Клубот доживеа неверојатен подем, преминувајќи од аматерски статус во Серија А, највисокото ниво на италијанскиот фудбал.
Клубот во професионалните води влезе во 1986 година со влегувањето во Серија Ц2, во 2001 година првпат се пласираше во Серија А, една година подоцна играше во квалификациите за Купот на УЕФА (елиминиран од Црвена звезда), а во 2006 година го забележа најдобриот пласман во Серија А, кога го освои четвртото место.
Финансиските проблеми доведоа до стечај на клубот во 2021 година.