Жељко Бувач, со години беше главен асистент на Јирген Клоп. Работеа заедно во Мајнц, Борусија Дортмунд, Ливерпул. Пред да се разделат во 2018 година, Клоп го нарече „мозокот“ на неговиот тренерски тим. Клоп се уште е во Ливерпул, а Бувач е во Москва, но наскоро би можел да замине во Белград.
Српските медиуми тврдат дека токму Бувач, кој во моментов е спортски директор на Динамо Москва, ќе го наследи Барак Бахар на клупата на Црвена звезда. Се разбира, под услов клубот да ја раскине соработката со Израелецот.
Во Звезда веќе некое време не се задоволни од работата на Бахар и од постигнатите резултати на тимот, а само од финансиски причини тој повеќе не добил отказ, пишуваат српските медиуми. Сепак, Звезда бара ново решение. Тврдат дека клубот веќе остварил контакт со Бувач.
Бувач, роден во Приједор, Босна и Херцеговина во 1961 година, играше фудбал до 1998 година во Борац од Бања Лука, РВ Ерфурт, Мајнц и Нојкирхен пред да ја заврши кариерата.
Додека играл во Мајнц, тој се запознал со Клоп кој во 2001 година му понудил да му биде помошник во Мајнц откако Бувач работел самостојно како тренер три години во Нојкирхен. Оттогаш тој не раководел со ниту еден тим.