Top Sport

Поранешниот директор на Милан отворено за забавите со судиите во Белград

Поранешниот директор на Милан, Паоло Тавеџа во неверојатно интервју со „Миланњуз“ откри фантастични анегдоти  – расправиите со Реал мадрид за „купувањето“ судии, забавите на судиите со директорите на Црвена звезда и обвинувањето дека Олимпик Марсеј се обиделе да ги отрујат.

Тавеџа беше директор на клубот од 1986 до 1993, годините на доминацијата на „Гранде Милан“ на Силвио Берлускони.

Тој даде интересни детали за 5:0 победата над Реал Мадрид во 1988/89 на „Сан Сиро“.

„Покрај трофеите, најмногу уживав во 5:0 победата над Реал Мадрид. На првиот меч, нашиот голман Џовани Гали беше плукан од Санчез неколку пати. Потоа разговарав со судијата Понет пред стартот на мечот и му го кажав тоа, и тој веднаш му даде картон. По мечот, тие беа посрамотени и Бернд Шустер викаше: ’Ги купивте судиите’. Му одговорив дека не сме како нив, кои купуваа судии постојано“, вели Тавеџа за тој натпревар.

Уште поинтересна е приказната за гостувањето во Белград кај Црвена звезда во второто коло во 1988/89, меч кој беше откажан поради густата магла и мораше да биде преигран следниот ден.

„Судијата го сопре мечот и требаше да чекаме 45 минути за маглата да се крене. Во соблекувалната, момците мислеа дека е готово и влегоа под туш. Морав да се убедувам со судијата Дитер Паули дека лошо сум го разбрал. Подоцна, не можев да спијам и го прашав рецепционерот за најдобриот ноќен клуб во Белград, и со портпаролот Гвидо Сусини отидовме таму сигурни дека судијата ќе биде таму. Пола час подоцна, доаѓа бел ’Мерцедес’ со Паули, линиските судии и неколку девојки, заедно со директорите на Звезда“, објаснува Тавеџа.

Мечот заврши 1:1 и Милан потоа триумфираше на пенали.

Најшокантната приказна доаѓа за дуелите со Олимпик Марсеј во 1991 година.

„Никој нема храброст да открие што се случуваше тогаш. Неколку дена пред мечот ми се јави Ули Хенес од Баерн Минхен и ми кажа дека директорот на Марсеј, Франк Бекенбауер му кажал дека планирале нешто грдо за Милан во Франција, вклучувајќи интервенција во храната. Затоа го сменивме хотелот во последен момент. Вечерта отидовме на ’Велодром’ на тренинг, а вратите беа заклучени“, вели Тавеџа.

Тој меч беше сопрен при 1:0 водство на Марсеј на три минути пред крајот, кога судијата свирна за слободен удар, но домаќините го славеа крајот на мечот.

„Отидов до судијата Бо Карлсон, кој призна дека мечот не е завршен. Но, фудбалерите веќе менуваа дресови. Рефлекторите почнаа да се гаснат. Карлсон ми кажа да одиме во соблекувалната, тој ќе ги избрка навивачите и ќе продолжиме. На патот до соблекувалната, вратите беа заклучени и бевме заробени на теренот, а Жан-Пјер Папен, кој ќе дојде кај нас следната година, не плукаше. Адријано Галијани беше лут и дојде на теренот и судијата не казни со 3:0 пораз и не суспендираше следната сезона. Силвио Берлускони никогаш не прости за тоа“, додава ексдиректорот.

 

Scroll to Top