Поранешниот претседател на Барселона, Џоан Гаспарт, го критикуваше Лионел Меси поради неговиот став кон својот поранешен клуб и евентуалното збогување со навивачите на „Камп Ноу“.
Гаспарт, кој ја водеше Барселона од 2000 до 2003 година и беше претседател на клубот кога Меси пристигна како 13-годишник, му порача на Аргентинецот дека не смее да поставува услови околу прошталниот натпревар. Тој на оваа тема зборуваше во подкастот на ТВ „Соло пара Кулес“.
„Меси како фудбалер е исклучителен, најдобар на светот. Но, има нешто што не смее да го заборави, а тоа е дека Барселона е над него. Нека внимава. Го кажувам ова од љубов кон играчот што го доведов кога имаше 13 години кога бев претседател на Барселона. Тој е одличен играч, но тоа делумно ѝ го должи на Барселона. Не смее да го заборави тоа“, рече Гаспарт.
Гаспарт е особено вознемирен од можноста Меси да го услови збогувањето со навивачите на Барселона со заминувањето на сегашниот претседател Џоан Лапорта.
Аргентинецот го напушти клубот во 2021 година, откако не успеа да се договори за продолжување на соработката со тогашното раководство. Оттогаш, тој не одиграл проштален натпревар пред навивачите на Барселона.
„Ќе му дадам уште малку време, но ќе дојде денот кога ќе почне да ме загрижува ако Меси создаде проблеми околу доаѓањето во Барселона за да се збогува со навивачите.
Што си замислува? Не може да го условува своето збогување со фактот дека Лапорта повеќе не е претседател“, рече Гаспарт.
Поранешниот претседател отиде чекор понатаму и рече дека лично не би присуствувал на збогувањето со Меси ако тоа се одржи само по заминувањето на Лапорта. Сепак, нема потврда дека Меси всушност поставил таков услов. Изјавите на Гаспарт се однесуваат на неговиот став за односот меѓу Аргентинецот и сегашниот претседател на Барселона.
Foto/ Depositphotos
