Фудбалската репрезентација на Португалија во неделата доживеа шокантен пораз од Србија во Лисабон и сега ќе мора да играат бараж за пласман на СП во Катар 2022 година.
По мечот, камерите на стадионот забележаа како Кристијано Роналдо демонстративно гестикулира кон селекторот Ферандо Сантош, додека овој само молчи.
„Во нашата ДНК е да играме со топката во нозете, но имавме проблеми. Вистина е дека на екипата и недостасува карактер. Бернардо Силва ја сакаше топката, но не беше единствениот, бевме нервозни. Одговорноста е моја“ рече Сантош по првиот домашен пораз уште од 2008 година кога Португалија загуби од Данска.
Сепак, тој е убеден на успех во баражот.
„Ќе бидеме во Катар. Не го сторивме тоа што требаше, но ќе поминеме. Секогаш играме на победа, размислуваме за нападот, а не за одбраната“ се обиде Сантош да ја смири нацијата.
Во анкета на португалскиот најтиражен весник „А бол“ дури 46,3 проценти од анкетираните сметаат дека селекторот мора да си поднесе оставка, додека дури 39,3 се уверени дека мора да добие отказ.
Само 14,3% од анкетираните се за тоа тој да ја предводи селекцијата и во баражот.
Сантош е на кормилото на Португалија од 2014 година, а со оваа селекција го освои ЕУРО 2016 и Лига Нации во 2019 година.
Пред да биде селектор, тој ја водеше Грција, а во кариерата бил и на клупата на Порто, АЕК, Спортинг, Бенфика, ПАОК…