Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ повторно е во фокусот на шпекулациите за трансфер, а овојпат како најсериозен кандидат за неговиот потпис се споменува англискиот гигант Манчестер Јунајтед.
Влаховиќ во текот на летото беше практично отпишан од Јувентус. Одби да го продолжи договорот под услови на пониска плата, одби понуди од Турција и од Саудиска Арабија, по што односот со раководството се влоши. Според важечкиот договор, 25-годишниот голгетер може да си замине како слободен агент на крајот на сезоната, но „старата дама“ би можела да инкасира одредена сума доколку го продаде уште во јануари.
Според „Газета дело Спорт“, Јунајтед е моментално во најдобра позиција.
„Влаховиќ е поблиску до Манчестер Јунајтед отколку до Челзи. Иако ‘сините’ покажаа интерес, ‘црвените ѓаволи’ се први фаворити за негово доведување. Прашање е само дали тоа ќе се случи во јануари или на крајот на сезоната“, пишува „Газета“.
Кризата во која се наоѓа Манчестер Јунајтед ги тера челниците на клубот да бараат нови решенија. Иако ова лето беа донесени Матеус Куња, Бењамин Шешко и Брајан Мбеумо, тимот и натаму тоне – моментално се само на 14. место во Премиер лигата со седум бода.
За Влаховиќ е подготвена и огромна понуда – седмична плата од 370.000 фунти (над 19 милиони фунти на годишно ниво). Тоа е токму износот што српскиот напаѓач го бараше. Во моментов тој е најплатениот играч во Серија А со нето 12 милиони евра годишно.
Манчестер Јунајтед нема да биде сам во трката, затоа што и Баерн Минхен планира повторно да се активира.
„Влаховиќ е на листата на Баерн. Разговори имало и претходно, но не дојде до договор. Тој е тип на напаѓач што клубот го бара“, најави „Билд“.
Влаховиќ сезонава има одличен ефект, на девет натпревари постигна шест погодоци. Вкупно во дресот на Јувентус има 62 голови во 151 настап.