Последните два барижи за пласман на СП во Катар, ќе се одиграат на стадионот „Ахмад Бин Али“. Интерконтиненталните бараж натпревари ќе се играат на 13. и 14. јуни, ќе започнат од 20 часот по локално време.
Во решавачките натпревари за пласман на Мундијалот, Перу ќе игра против победникот од азискиот бараж меѓу Австралија и Обединетите Арапски Емирати, на 13.јуни, а ден подоцна Костарика ќе игра против Нов Зеланд.
Претходно на 7.јуни по дуелот на Австралија и ОАЕ ќе биде познат противникот на Перу.
Стадионот „Ахмад Бин Али“, со капацитет од 50.000 седишта, беше отворен на 18 декември 2020 година со финалето на Амир Купот, неодамна беше домаќин на четири натпревари на ФИФА Арапскиот куп 2021 година.
На овој стадион игра локалниот популарен клуб Ал Рајан, а стадионот се карактеризира со иновативна технологија за ладење која ќе овозможи пријатно искуство за играчите и навивачите во топлите делови од годината.
За време на Мундијалот на овој стадион ќе се одиграат шест натпревари од групната фаза и еден осминафинален натпревар.
Според ждрепката направена на 1.април, победникот од првиот натпревар (Перу – Австралија/ОАЕ) во првото коло на турнирот ќе игра во групата Д со актуелниот светски првак Франција.
Победникот од вториот меч (Костарика – Нов Зеланд) ќе игра во групата Е каде на стартот од турнирот ќе се сретне со селекцијата на Шпанија.