Фудбалскиот клуб Тотенхем потврди дека во наредните четири години првиот тим ќе го предводи Австралиецот со грчко потекло, Ангелос „Ејнџ“ Постекоглу.
Посетекоглу во Северен Лондон доаѓа од Глазгов, каде што го предводеше Селтик во изминатите две сезони.
Даниел Леви, првиот човек на Тотенхем ги објасни причините за доведувањето на Постекоглу.
„Ангелос форсира брз и напаѓачки фудбал. Тој знае како да развива млади играчи и инсистира на врска со академијата, што е многу важно за нашиот клуб. Воодушевени сме што ја прифати нашата понуда“, рече Леви.
Тотенхем за новиот тренер плати оштета од 5.800.000 евра, бидејќи тој имаше уште една година од договорот со Селтик.
Постекоглу ја водеше австралиската репрезентација од 2013 до 2017 година. Во 2014 со Австралија беше на Светското првенство во Бразил, а во 2015 година го освои Азиското првенство. Тој беше шампион на Јапонија во 2019 година со Јокохама Маринос.
Селтик го презеде во 2021 година и освои две шампионски титули, два купа и еден Лига куп.