Top Sport

„Потпишувам договор, а до мене стојат двајца Срби со оружје во рацете“

Бразилскиот фудбалер Илан Араухо Далиња се присетил на најстресната ситуација во кариерата, кога го потпишувал договорот со францускиот клуб Ажаксио.

На почетокот од својата кариера во Европа Далиња бил играч на Сошо и Сент Етјен. За овие два клуба тој постигнал 48 гола.

Добрите игри во Франција му овозможиле трансфер во Вест Хем, каде не успеал да се избори за некоја позначајна улога, поради што решил во 2011 година да се врати во Франција.

„По кратките ангажмани во Вест Хем и Интернасионал, летото во 2011 година дојдов во Ажаксио каде требаше да потпишам договор. Но една недела не се случуваше ништо. Потоа по мене дојде претседателот на клубот Алан Орсони“, раскажува Далиња.

„Ми собра со блиндиран ‘БМВ’. Иако планот беше да одиме на ручек во градот забележав дека се качуваме по корзиканските планини. Кога го прашав зошто го сменил планот ми објасни дека за него било опасно да седне на ручек во Ажаксио. Потоа стигнавме до некоја ‘недојдија’. Влегов во соба без прозорци каде го потпишав договорот додека над мене стоеја двајца Срби со оружје во рацете“, раскажал Бразилецот за „Лекип“.

Илан Араухо кариерата ја завршил во 2014 година во дресот на Бастија.

Овој напаѓач во кариерата одиграл 332 натпревари и постигнал 87 гола. Во 2003 година успеал да одигра и три натпревари за репрезентацијата на Бразил.

Scroll to Top